ШОКАНТЕН ПОРАЗ НА ГФК „ОСОГОВО“ ОД ФК „РУДАР“, СРЕДЕ КОЧАНИ

13.05.2019 – Изненадувачки пораз на идниот второлигаш Осогово среде Кочани, на стадионот „Никола Мантов“ од просечната третолигашка екипа на Рудар со резултат 2-3. Ем победени, ем надиграни, жолти сините се претставија во бледо светло и предизвикаа сомнеж кај навивачите за реалните можности на тимот кој има амбици од есен да игра со второлигашки екипи.

Инаку, натпреварот започна добро за кочанчани, бидејќи со голот на Коцевски поведоа, па сите очекуваа дека останува да се види само со колкава разлика ќе биде совладан противникот. Но Пробиштипјани заиграа организирано и комбинаторно па во 56. минута израмнија на 1-1. Паунов во 65 минута погоди за ново водство за Осогово. Рудар повторно ги зеде работите во свои нозе, па по промашениот пенал во 80 минута израмни на 2:2. Пробиштипјани целосно ја искористија збунетоста во редовите на домаќинот, и поведоа со 3-2, за конечна победа и првокласно изненадување на спортската јавност во Кочани и пошироко. Пеналот за Осогово пред крајот, кој го промаши Паунов, само потврди како играа домаќините на овој натпревар.

Освен што поразот сам по себе е непријатен, додатно ја комплицира ситуацијата пред гостувањето во Свети Николе, кај незгодниот „Овче Поле“.