Со 550.000 денари Кочани ќе ги решава бездомните кучиња

Општина Кочани годинава ќе се справува со околу 150 незгрижени кучиња, колку што се проценките за нивниот број во градот. За поуспешно третирање на бездомните кучиња, Советот на општината одобри за 20 % поголем износ на средства во споредба со претходната година. Тоа значи дека надлежните ќе имаат на располагање 550.000 денари кои ќе се трошат за спроведување сеопфатни мерки за решавање на проблемот. Првенствено за одржување на соодветно прифатилиште на ангажираниот оператор, обезбедување доволно храна, набавка на лекови и покривање на трошоците за лицата кои ќе бидат ангажирани околу сите овие активности. Програмата за контрола на прирастот и згрижувањето на кучињата ќе ја реализира КЈП „Водовод“, кое треба да спроведе јавна набавка за избор на оператор кој ќе ја изврши услугата.

Сепак посебно внимание предизвикуваат активностите во делот на подигнување на свеста на граѓаните за соодветен третман на кучињата преку мотивација да прифатат и чуваат од овие четвороножни миленици, кои кога се згрижени се сметаат за најдобар пријател на човекот, односно сопственикот.

Со оглед на фактот дека во Кочани не постои стационар и нема најава дека некој од стручните оператори ќе го изгради, предвидена е и можноста за ангажирање на две лица заловувачи на бездомните кучиња, кои потоа ќе се третираат во лиценцирана институција.

Во секој случај и локалната самоуправа и граѓаните очекуваат во оваа година проблемот со кучињата скитници да биде значително поефикасно решен за да се одбегнат опасностите кои тие ги носат. Дотолку повеќе што евентуалните каснувања на граѓани може скапо да ја чини општината по основ на одштета.