СОУ „Љупчо Сантов“ започна проект за примена на иновативни образовни техники

Со потпишувањето на договорите од учесниците, денеска во СОУ „Љупчо Сантов“ официјално започна проектот „АР ЕДУ – Едукативен модул со проширена реалност – развој и имплементација на иновативни ИКТ базирани на основни алатки во СТЕМ ориентираните училишни предмети“, кој е финансиран од „Еразмус +“ програмата, акција Стратешко партнерство за образование, Соработка за иновации и размена на добри практики.

 

Проектот ќе се реализира во соработка со седум проектни партнери од три држави: Македонија, Бугарија и Хрватска. Од Македонија се Локалната акциона група – Кочани, како лидер-партнер, СОУ „Љупчо Сантов“ и „Течко нет“ – Кочани. Учесници од Бугарија се Центарот за одржливост и економски развој и Професионалната гимназија за економија и менаџмент од Пазарџик, а од Хрватска се Општина Лудбрег и Средното училиште „Лудбрег“.

 

Проектот ќе овозможи развивање софтвер за проширена реалност како нов, поинтересен начин на кој учениците ќе изучуваат предмети поврзани со науката, инженерството, техниката и математиката на некласичен начин.

 

– Проектот промовира дигитален приод во наставата што ќе овозможи нов професионален развој на нашиот кадар. Учениците ќе имаат можност да се движат во регионите на нашите партнерски организации, во Хрватска и во Бугарија, каде ќе се запознаат и со начинот на наставата во тие средини. Инаку, „Љупчо Сантов“ доби пет проекти од „Еразмус +“ програмата. Значајна придобивка за Кочани е дека со овој проект ќе се влеат во човечки ресурси, мобилност и во активности 131 илјада евра, што сметам дека е за поздравување – изјави Игор Христов, директор на СОУ „Љупчо Сантов“.

 

Почетокот на проектот го поздрави претседателот на Советот на Општина Кочани, Томе Солевски, кој истакна дека е посебно задоволен што проектниот партнер што го изработува иновативниот образовен модул е софтверска фирма од нашата општина, што покажува дека и во помалите општини можат да се разработуваат и да се реализираат иновативни идеи, што е посебно важно за помалите заедници.

 

Со проектот „АР ЕДУ“ се планирани четири меѓународни средби, две обуки на наставниците од средните училишта за користење на АР-едукативниот модел и петдневна размена на групи ученици од Македонија, Бугарија и Хрватска.