СЕ ПОГЛАСНО СЕ НАЈАВУВА ОТВОРАЊЕ НА ПРОФЕСИОНАЛЕН ТЕАТАР ВО КОЧАНИ

30.05.2019 – Отворањето на професионален театар се поизвесно по најавите на градоначалникот Николчо Илијев и националниот координатор за култура Роберт Алаѓозовски на стартот на овогодишниот даф. Внатрешната и надворешната реконструкција на цк Бели Мугри, прв предуслов за реализација на иницијативата.

Иако бавно, сепак се чини дека идејата и иницијативата за отворање професионален театар во Кочани е реално можна и остварлива. На крилјата на фестивалската атмосфера на овогодишното издание на ДАФ најпрво градоначалникот Николчо Илијев зборуваше за оваа желба на голем број театарски работници вo Кочани и околината

За подоцна кон оптимистичките најави да се приклучи и Националниот координатор за култура Роберт Алаѓозовски, кој ја искажа подготвеноста за поддршка од страна на Министерството за култура и Владата на РМ.

-Кога театарските работници и граѓаните силно посакуваат професионален театар, на одговорните не им преостанува ништо друго освен да им ја исполнат желбата, истакна Алаѓозовски

Инаку, Кочани негува традиција на професионален театар во далечните шеесети години на минатиот век. Освен тоа голем број театарски уметници од поодамна се носат со идејата на градот да му се врати професионалното театарско живеење. Дали со надворешната и внатрешната реконструкција на Центарот за култура „Бели Мугри“ се создаваат предуслови за реализација на овој мошне значаен проект за источниот дел од државата.