ПРОБИВАЊЕ НА ПРИСТАПНА УЛИЦА И ИЗГРАДБА НА ПАРКИНГ ЗА ЗГРАДИТЕ НА УЛИЦАТА “СТЕВО ТЕОДОСИЕВСКИ”

Деновиве започна пробивањето на пристапна улица зад објектот на Поштата кон северната страна на зградите на улицата „Стево Теодосиевски“.

– Улицата е долга 215 метри, а широка 5,5 метри и е особено значајна за овој дел од централното градско подрачје, каде со изградбата на зградите се зголеми концентрацијата на сообраќајот и потребата од простор за паркирање. Механизацијата на „Бони интерградба“ од Струмица го расчистува теренот, каде е планиран и соодветен паркинг. Истовремено, овде се вршат и потребните зафати на водоводната и канализациската мрежа – соопшти Влатко Димитров од Секторот за уредување на градежното земјиште во Општина Кочани.

Паралелно со овие активности, а според Програмата за капитални инвестиции за 2019 година, со средства од основниот буџет на Општина Кочани, во Оризари се работи на подготовка за асфалтирање на улицата „Лазар Стоименов“.

Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ заврши со поставувањето на водоводната и канализациската мрежа, а во тек е трасирање на улицата чија должина е 718 м. Изведувач на работите е градежното претпријатие „Стојменов“.