ПРВЕНСТВОТО ЗАВРШИ-ОСОГОВО ОД ЕСЕН ВТОРОЛИГАШ

30.05.2019 – И во последното коло од овогодишното првенство во Трета Фудбалска Лига – Исток се одигра само два натпревара на кои противниците ги поделија бодовите, одигрувајќи нерешено. Во комшиското дерби, „Осогово“ и „Слога 1934“ од Виница одиграа без голови, 0:0, а во Берово, Малеш-Брегалница сенуиори исто така нерешено, но со резултат 2:2..

Поради чудната казна изречена кон Осогово со одигрување два натпревара без публика, средбата се играше пред празни трибини. Тоа и спарното време ги демотивираа фудбалерите на двете екипи, кои и покрај обидите да направат нешто повеќе во нападот, не ги затресоа противничките мрежи. Така комшиското дерби заврши без голови и без победник.

Претседателот на Трета Фудбалска Лига – Исток Владо Андов на капитенот на „Осогово“ Андреј Коцевски му го предаде шампионскиот пехар за освоеното прво место кое значи виза за играње во втората лига од новото фудбалско првенство.