ПРАКТИЧНА ЕДУКАЦИЈА НА НАЈМЛАДИТЕ ЗА ОРГАНСКО ПРОИЗВОДСТВО

Сопроектот „Екоградини во детските градинки“ од програмата „Еразмус плус“, денеска во Детската градинка „Павлина Велјанова“ во Кочани започна практичниот дел – едукација на децата за органско производство, со селектирање и компостирање на органскиот отпад.

Според Зоран Стоилков, ескперт во проектот за добивање компост од органска маса, се работи за мошне корисен проект за стекнување навики кај најмладите како да се однесуваат кон органскиот отпад.

– Македонија е земјоделска земја, овде имаме хиперпродукција на органски материјал, кој за жал, завршува на градските депонии. Овде сме да им покажеме на најмладите како се добива тој органски материјал, како се селектира, компостира и на крајот како органското ѓубриво се употребува во детските градини. Децата ќе учат како се засадуваат растенијата во органскиот материјал, едукација што ќе им користи и во иднина – изјави Стоилков.

Овој дел во проектот има и натпреварувачки карактер. На крајот, со симболични награди ќе се награди најдоброто растение, најдоброто овошје, што ќе придонесе за мотивација на децата.

Во проектот што ќе се реализира до 2020 година се вклучени градинки од Македонија, Хрватска и Бугарија.