ПО 59 ГОДИНИ ТРУЧИНКАТА ЗЕРА МУ СЕ ВРАЌА НА ДЕТСТВОТО ВО ТЕРАНЦИ

23.05.2019 – ДЕКА НА РОДНОТО ОГНИШТЕ ЧОВЕК СЕ ВРАЌА БАРЕМ ЕДНАШ ВО ЖИВОТОТ, ПОТВРДУВА ПРИКАЗНАТА НА ТУРЧИНКАТА ЗЕРА КОЈА Е РОДЕНА ВО ТЕРАНЦИ А НА 12 ГОДИНИ СО СЕМЕЈСТВОТО ЗАМИНАЛЕ ЗА ИЗМИР-ТУРЦИЈА. ДЕНЕСКА ПОРАЗГОВАРАВМЕ ЗА СЕЌАВАЊАТА И ДРУГАРЧИЊАТА ОД ДЕТСТВОТО.

Турчинката Зера, која како дванаесетгодишно дете, заедно со семејството, пред 59 години си заминале од селото Теранци и се преселиле во Измир, во Турција, денеска за првпат се враќа помеѓу другарчињата од детството, а сега возрасни семејни луѓе. Дошла ненајавено и на врата им се претставила која е. Радоста била обострана и неизмерна. Ја посетила и родната куќа, која сега друг ја поседува и е реновирана и доградена. Спомените будат длабоки чувства на едни времиња и заеднички живот.

-Јас паметам дека како деца си игравме сите заедно. Одевме на училиште. Родителите живееја заедно, работеа по полињата и си помагаа. За сите изминати години посакував да се вратам тука во Македонија, во Теранци, за да ја видам куќата во која сум родена, другарките со кои си игравме. И ете таа желба ми се исполни.

Домаќините се пресреќни што им дошла другарката од детството и што можат да се потсетат на бескрајните детски игри.

Орце Митров вели дека контактите со Турците кои пред 60 години се иселиле од кочанските села се мошне значајни за одржување на пријателствата и можност за соработка од секаков вид.

Во семејството Манасиеви во Теранци деновиве им се случуваат убави работи кои ги прават среќни. Пред еден ден им се отелила кравата. Отелувањето го извршил газдата Цветко Манасиев. Па им дошле ненајавените гости од Турција, па екипата на ТВ Кочани, а сето тоа биле добри сигнали дека ќе го одомат и помалиот син и ќе им се исполнат родителските желби.