Од продавач во бутик, до главен играч на Вест Хем

Доколку во 2005-та години сте биле во еден од бутиците во Нант, можеби сте биле услужени од едно од најдобрите засилувања во Премиер лигата оваа сезона.

Дмитри Паје (28) е најдобриот играч на Вест Хем оваа сезона. Славен Билиќ го донесе од Марсеј за 15 милиони евра. Паје со два гола го сруши Њукасл во понеделникот, а секој нареден меч покажува дека е вистинско засилување.

Но, во 2005-та година Паје како 18-годишник имал аматерски договор со Нант. Иако талентиран, сепак Французинот имал етикета на проблематично момче, па затоа не завршил веднаш во некој од големите клубови.

Дополнително заработувал како продавач. Како стојат работите, веројатно тоа го спуштило на земја, па не поминало долго време потпишал професионален договор со Нант каде играше две години. Потоа се преселил во Сент Етјен (2007-2011), па Лил (2011-2013) и Марсеј (2013-2015).

Минатата сезона во дресот на Марсеј постигнал седум голови и забележал 17 асистенции. Оваа сезона е главен играч на Вест Хем во Премиер лигата.