НАД 300 УЧЕСНИЦИ ЈА „ОТКРИВАА“ ОСОГОВСКАТА УБАВИЦА

03.06.2019 – ШЕСТАТА ПО РЕД „ОСОГОВСКА АВАНТУРА“ ИМ ГИ ОТКРИ ПЛАНИНСКИТЕ УБАВИНИ НА ОСОГОВИЕТО НА НАД 300 УЧЕСНИЦИ ОД ЗЕМЈАВА И ОД СТРАНСТВО. НАЈАТРАКТИВНА 40 КИЛОМЕТАРСКАТА ВЕЛОСИПЕДСКА ТУРА ОД ПОНИКВА ДО ЦАРЕВ ВРВ И НАЗАД. ДОГОДИНА НОВИ СОДРЖИНИ И УШТЕ ПОГОЛЕМА МАСОВНОСТ

Во организација на Друштвото за спорт и рекреација „Прв до врв”, а во соработка со велосипедската група „МТБ Исток” од Кочани и спортски ентузијасти од регионот, вчера на Пониква се одржа велосипедско-планинарската манифестација „Осоговска авантура“, чија главна цел е популаризација на природните убавини на Осоговието и неговите потенцијали за планински спортови и туристички авантури.

Покрај велосипедисти и граѓани рекреативци од нашата држава, годинава за првпат учествуваа и гости од Бугарија и Србија, што е чекор во наредниот период фестивалот да добие и меѓународен карактер. Покрај планинарско-велосипедските тури, учесниците имаа можност да кампуваат, а беше подготвена интересна забавна музичка програма, проследена со локални рецепти за подготвување храна. А Најатрактивна беше авантуристичката велосипедска тура од Пониква до Царев Врв и назад, во должина од 40 километри и висинска разлика од 1.200 метри.

„Осоговска авантура” е поддржана од локалната самоуправа на Кочани, а градоначалникот Николчо Илијев истакнува дека истата се вклопува во плановите на општината за натамошен развој и искористување на потенцијалите на Пониква.Особено ако се има во предвид дека летово се очекува да започне реализацијата на проектот „Планински велосипедски рај” во рамките на кој на Осогово ќе се изградат и уредат две патеки за авантуристички велосипедизам.

За догодина програмата ќе се збогати со планинско трчање, искачување на карпи и слично, а дел од содржините ќе добијат и натпреварувачки карактер со награди за најдобрите. Со новите содржини уште повеќе ќе се добие на масовност и атрактивност на манифестацијата.