КОЈ СЕ ЗАКАНУВА СО СУДСКИ ПОСТАПКИ НА ТВ КОЧАНИ?

На 07.11..2018 година, во 22:38 часот, на мејлот на ТВ Кочани пристигна порака од мејлот на ГФК Осогово, со следната содржина:

„Поради ширење на невистина, етикетирање и пред се вашето непрофесионално однесување, со кое му наштетувате на функционирањето на клубот, приморани сме да реагираме и да бараме официјално извинување од вашата телевизија. Во ГФК Осогово Кочани има лице задолжено за односи со јавност, кое вие ниту еднаш го немате исконтактирано и да побарате официјална информација, наместо тоа лицитирате со лажни бројки, лепете етикети кои се своевиден говор на омраза како спрема клубот, така и спрема управата на клубот. Со вашето непрофесионално делување и клеветите кои ги ширете, нанесувате штета кај потенцијални спонзори и затоа мора да сносите одговорност. Доколку нема ваше официјално извинување во наредните 72 часа, ќе бидеме приморани правдата да ја бараме на суд“.

Како што може да се види, текстот не е потпишан ниту од „лицето задолжено за односи со јавноста“, ниту од било кој член на Управата. Што ќе рече-анонимно.

Што се однесува до професионалноста на ТВ Кочани, неа ја оценува Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги на РМ и секако гледачите. За лицето задолжено за односи со јавноста сега прв пат слушаме, иако и сега не го соопштувате неговото име и презиме, број на телефон, или друга адреса на која можеме да се обратиме. Чудно е што тоа лице наназад една година се нема појавено на ниту еден медиум во општината, за да можеме и ние нешто да прашаме, а не само да се лиферуваат одбрани информации-главно за ангажирани нови фудбалери.

Популарниот „говор на омраза“ само на Вас ви се присторува, бидејќи и сами знаете дека тоа е без основа. Ако спортскиот новинар искоментира дека поголем број од фудбалерите ангажирани „од страна“, а врз основа на лошите резултати и игри што ги прикажуваат, не поседуваат квалитет на висина на реномето на клубот и средствата што општината и стопанството ги издвојуваат за нив, тоа не значи дека ги мрази, туку дека таква е реалноста. Истото важи и за Управата на клубот, која многу ветуваше кога го презеде Осогово, а малку остварува во сите сегменти: голем клуб, резултати, младински школи, публика, транспарентност во работењето. Почнете да работите како што се очекува од Раководство на Осогово, правете резултати, наполнете ги трибините-пофалбите сами по себе ќе стигнат.

За спонзорите. Неколку од нив, самите се прашуваат како се трошат нивните пари. Особено Општината, која како што неофицијално сме информирани, го условила понатамошното давање пари со детален извештај за до сега потрошените. Вие и за тоа не информирате, веројатно да не ви влијае негативно кај спонзорите.

И на крај барате извинување во рок од 72 часа, или ќе барате правда на суд. Ќе не тужите затоа што трошите народни пари, трпите порази од „селски екипи“, играте пред празни трибини и никако не кажувате како и за што ги трошите парите. Не на Телевизијата, на граѓаните да им кажете, зошто тие се Собранието кое ве става или трга од раководењето на клубот. А за некои други „ситници“ во работењето-кога ќе дојде време.

ТРД „ТВ Кочани ЛД“