ДОЛГОТРАЈНАТА СУША ДРАСТИЧНО ГИ НАМАЛИ ВОДОТЕЦИТЕ ВО КОЧАНСКАТА КОТЛИНА И РЕГИОНОТ

Нивото на водата во реките во Кочанската котлина е далеку под просекот за овој период од годината, што е последица на долготрајната суша што го зафати Регионот. Според денешните мерења, дотокот на вода во Акумулацијата Калиманци е помал од 1 кубик во секунда, поточно 0,7 м3 во секунда. Уште помал доток е регистриран во Вештачкото езеро „Градче“, во кое се влеваат 0,2 м3 во секунда.

Па сепак и покрај намалениот доток, од Водостопанство Брегалница резервите вода во најголемото вештачко езеро во Источна Македонија ги оценуваат како задоволителни и вообичаени за крајот на годината. Имено, Калиманци е исполнето со над 50.милиони кубици вода и притоа има период од околу пола година за да се наполни до максималните 120.милиони.

Инаку, веднаш по завршувањето на наводнителната сезона, вработените во Водостопанство Брегалница се зафатија со чистење на речното корито на реката Брегалница, за да се отстранат препреките од критичните точки на излевање и поплавување во атарот на селото Прибачево. Паралелно се работи и на чистење на главната каналска мрежа, а се очекува почеток на чистење и на Магистралните канали.