Дводневна работилница за јакнење на капацитетите за органско производство на ориз

Кочани е домаќин на дводневна меѓународна работилница за јакнење на институционалните капацитети во конвенционалното и органското производство на ориз што се реализира со поддршка од Инструментот за техничка помош и размена на информации на Европската комисија и од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Македонија.

 

Целта на работилницата е домашните производители и стручни лица да разменат европски искуства и знаења во органското производство на ориз со предавачи-експерти од Италија, Грција и Бугарија, како и да разговараат за унапредување на здружувањето и соработката меѓу земјоделците.

 

На отворањето на работилницата, министерот за земјоделство, Љупчо Николовски истакна дека меѓународната поддршка има важна улога во успешното креирање на досегашните и на идните политики во домашното оризипроизводство, за пазарните стандарди, новите технологии во производството и воведување сорти ориз што се конкурентни и барани на домашниот и на европскиот пазар.

Како дел од системските мерки за унапредување на производството на ориз во Македонија, Николовски ја нагласи поддршката од ресорното министерство за зајакнување на кадровските и обновување на техничките ресурси на Институтот за ориз во Кочани.

 

На работилницата се обрати и градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев, кој се заблагодари за поддршка од Министерството за земјоделство и го истакна значењето на оризопроизводството за Кочанско.