ДАФ ЈА ЗАОКРУЖИ 56-ТА УСПЕШНА ПРИКАЗНА

03.06.2019 – Добитник на Гран-При наградата – „Васил Ќортошев“ на 56-от ДАФе претставата “Немам каде да се вратам”, во режија на Дени Стојанов а во изведба на Театар KUNSTWERKSSTATT- Скопје. Спуштањето на завесата на овогодишната смотра на драмскиот аматеризам во Македонија, заокружи уште една успешна приказна, која го збогати културното живеење на кочанчани.

Со настапот на Белграѓани на последната вечер на 56-от Драмски аматерски фестивал, стручното жири ги додели наградите на најдобрите остварувања на смотрата на театарскиот аматеризам во Македонија. Комисијата во состав; Борис Чоревски, Несрин Таир, двајцата драмски актери и ликовниот уметник Катерина Соколова одлучи Наградата за „Најдобра претстава за деца“ да и се додели на аматерската претстава „Возможна Приказна-Абракадабра”, во изведба на Летечка театарска трупа од Тетово. И најдобрата „Епизодна женска улога“ на Мила Глигоровска за ликот на Теодора Фон Кролок е дел од претставата „Возможна приказна-Абракадабра”.Наградата за најдобра „Епизодна машка улога“ му е доделена на Орхан Багашов за улогата на Ѓоре Шекспир, во претставата “Живкова Слава” во изведба на Летечка театарска трупа од Тетово, а за најдобра „Главна женска улога“ на Кристина Николова за улогата на Ева во претставата „Умри Машки”, во изведба на Дом на Култура ”Мирка Гинова”, од Демир Капија.Во категоријата најдобра „Главна машка улога“ наградата му е доделена на Виктор Анѓелкоски за улогата на “Џош”, во претставата “ Бенг Бенг и Мртов си”, во изведба на на НУ ЦК ”АСНОМ” од Гостивар.Наградата „Најдобра режија“ ја доби Александар Нешкоски за концептот низ кој мајсторски се проткајуваат интимните идеали кои се вечна проблематика на општеството.Наградата „Истражување на нови сценски изразни средства и експеримент во аматерскиот театар“ се доделува на претставата ”Робоград”, во изведба на АТ Колектив Ветерница Скопје.

Највисокото признание, наградата за „Најдобра претстава Гран-При“ – „Васил Ќортошев“ му се доделува на остварувањето “Немам каде да се вратам”, во режија на Дени Стојанов а во изведба на Театар KUNSTWERKSSTATT- Скопје.